ПРИЕМ НА МЛАДИТЕ РАКОМЕТАРИ НА РК РАДОВИШ
Дата
March 22, 2017
Категорија
Вести, СпортВчера во салата на Советот на општина Радовиш, на прием кај Градоначалникот Сашко Николов беа младинските категории на Ракометниот клуб „Радовиш“.
На почетокот Градоначалникот изразувајќи го своето огромно задоволство од досегашните постигнати резултати, особено од големиот успех на пионерите со пласманот во Фајнл фор, им посака што поголеми успеси во текот на овогодишната натпреварувачка сезона.
Исто така, нагласи дека во иднина ЕЛС општина Радовиш преку подобрување на условите за спорт, преку усовршување на тренерскиот кадар и преку учества на кампови и обуки, се повеќе ќе инвестира во талентираните спортисти во младинските категории во речиси сите спортови во општината, а особено во Ракометот.
Од страна на тренерот и одговорните лица за младинските категории во РК Радовиш, беше упатена огромна благодарност за досегашната поддршка од општина Радовиш и беше дадена гаранција дека и понатаму ќе продолжат со напорна работа со младите и талентирани ракометари со цел Радовишани да бидат горди на своите таленти.