ЗАПОЧНА СО РАБОТА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ВО РАДОВИШ
Дата
July 18, 2018
Категорија
Вести, Реализирани Проекти
Започна со работа новата пречистителна станица за третман на отпадни води во Радовиш. Покрај новата пречистителна станица за третман на отпадни води, ревитализирана и проширена е примарната канализациона мрежа во општината Радовиш, со што се решава проблемот со отпадните води, се подигнуваат стандардите за заштита на животната средина, а се намалува и надземното и подземното загадување. Во рамките на проектот се изградени и колектори и нов пристапен пат. Пречистителната станица во Радовиш е со инсталиран капацитет за 25.000 жители.
Почетокот на работењето на новата пречистителна станица во Радовиш е од големо значење бидејќи преку овој проект се подигнуваат стандардите за третманот на води, согласно ЕУ директивите.
Изградбата на Пречистителната станица во Радовиш започна во 2016 година, а целосната изградба заврши за две години. Ова е трета Пречистителна станица изградена од WTE Group. Првата пречистителна станица лоцирана во с. Сачево, Струмица, беше пуштена во употреба кон крајот на 2017 година, а втората лоцирана во Кичево, беше пуштена во употреба минатиот месец. Вкупната вредност на овие објекти изнесува 21 милион евра.
WTE Group е водечка компанија за снабдување со вода и третман на отпадни води на пазарот во ЕУ, присутна со проекти од оваа област во 18 европски земји.