ПРОДОЛЖУВА АКЦИЈАТА ЗА ПОМОШ НА НАСТРАДАНИТЕ СЕМЕЈСТВА ОД ПОПЛАВИТЕ
Категорија
Вести
Општина Радовиш и денес активно е вклучена во Хуманитарната акција за настраданите во поплавите во Скопје.
Уште во утринските часови, во соработка со ЈП Плаваја беше испратен тим и механизација, кој и денес активно ќе работи во расчистување на последиците од поплавите кои го зафатија Скопје.
Исто така со превоз организиран од Рудникот Бучим, денес беа испратени сите продукти кои беа донирани на Хуманитарната акција организирана од Општинската организација на Црвен Крст и ЕЛС општина Радовиш која беше спроведена претходните два дена на Плоштадот Св.Спасо Радовишки.
Беше испратена голема количина на вода, конзервирана храна, средства за лична хигиена, детергенти, пелени и др. продукти кои се неопходни за настраданите во поплавите.
Ние како општина со сите расположливи средства и опрема во рамките на нашите можности максимално се вклучивме во изминатите денови и излеговме во пресрет на семејствата кои настрадаа од поплавите во Скопје.
Уште истиот ден екипи на ТППЕ Радовиш, ЈП Плаваја и ангажираните јавни работници од општина Радовиш со целокупна опрема беше на теренот. Акцијата продолжи и во текот на вчерашниот ден, и продолжува се додека има потреба и создавање нормални услови за функционирање на жителите во овие поплавени места.
Паралелно на тоа заедно со ОО на Црвен Крст од Радовиш беше организирана „Хуманитарна донаторска акција„ на плоштадот Св. Спасо Радовишки каде што беше собрана голема количина на вода, конзервирана храна, средства за лична хигиена и детергенти.
Ние како општина сме во координација со кризниот штаб каде што насоките за дејствување ги донесуваме заеднички. Во наредните денови најнеопходна е физичка работна сила која ќе биде на терен и помага во расчистување на наносите. Како општина сме подготвени дополнително и финансиски да помогнеме. Апелирам до сите граѓани од општина Радовиш кои се во можност во петок да се приклучат на акцијата и заедно со организираните екипи да отидат во Скопје и помогнат во расчистувањето од поплавата – истакна Градоначалникот Сашко Николов.