ООУ Крсте Петков Мисирков – Радовиш
Основното Општинско Училиште ,,Крсте П. Мисирков,, сместено на Бул. Александар Македонски бб. во Радовиш, работи со едно централно училиште во кое има 31 училница од кои сите се кабинети,и две подрачни училишта во с.Коџалија и с.Калаузлија каде што наставата се изведува на турски наставен јазик. Во централното училиште имаме настава на македонски и турски наставен јазик, во одделенска и предметна настава.
Училиштето е верифицирано под број:093995/2 од 2002 година, и основач е Општина Радовиш.
Во Училиштето работат вкупно 102 наставника, во 56 паралелки од кои 32 паралелки се на македонски наставен јазик и 24 на турски наставен јазик. Исто така по проектот Образование за сите,работи една паралелка по скратена програма каде се опфатени ученици на поголема возраст,од Декадата на ромите, кој што проект завршува 2015 година. Бројот на ученици изнесува вкупно 1080 ученика на македонски и турски наставен јазик.
Училиштето работело како Моша Пијаде од 1951 до 1976 година.Во 1976 година се формираат 2 посебни училишта, Моша Пијаде и Никола Карев.
Во периодот 1988-1991 година Моша Пијаде влегува како дел од РО Гоце Делчев , каде влегуваат сите Основни училишта од Радовиш и Конче. Во 1993 година се формира посебно училиште Крсте П.Мисирков, кое што наставата ја изведува во две училишни згради на ул. Стојмен Трајков, и во жолтата зграда на ул.22 Октомври каде што беа учениците од одделенска настава се до преселувањето во новата училишна зграда.
На 08.02.2006 во големиот пожар кој ги зафати двете училишта комплетно беше уништена училишната зграда на ул.Стојмен Трајков, и во тоа време настава се изведуваше во зградата на ул. 22 Октомври.
Со големо залагање на Владата на РМ и Општината во рекорден рок беше изградена новата училишна зграда на Бул. Александар Македонски која свечено беше пуштена во употреба на 26.02.2008 година.
Веднаш потоа на 26.12.2010 г. се удри и камен темелник на новата спортска сала која е во изградба.
Современоста, дисциплинираноста а пред се одговорноста се главен двигател за успехот во нашето училиште, кое е во постојано усовршување на наставата преку посета на голем број на семинари. Ние сме модерно училиште со европски и светски стандарди,кое е опремено со сите најсовремени наставно нагледни помагала за секој кабинет.
Визија на нашето училиште: Сакаме нашето училиште да биде безбедна и дисциплинирана средина во која сите ученици ќе доаѓаат со задоволство, затоа што во него наставата ќе биде современа, ефикасна, квалитетна и прилагодена на потребите и интересите на учениците, наставниците, локалната заедница и државата.
Мисијата на нашето училиште е: Да го поттикнеме и обезбедиме индивидуалниот развој на учениците и наставниците, самоевалуација и самокритичност, да ја развиваме свеста за правдата да го негуваме меѓусебното разбирање и почитување, да работиме на високи етички стадарди, користејќи современа образовна технологија и поттикнувајќи доверба и почитување на начин што заслужува доверба од нашите ученици, нивните родители и вработените.
Нашето училиште претставува образовна, дисциплинирана средина во која сите можат да научат.
Мото на училиштето: Од сите добри работи знаењето е најдобро: затоа што никој не може да го грабне, затоа што никој не може да го купи, тоа е неуништиво.
– Успехот е наш приоритет
– Училиштето е видикот на мојата иднина
– Училиштето е темелот на мојот живот
– Училиштето е вруток на моите знаења
– Училиштето е мојот втор дом
– Да воспитуваш треба да си воспитан
– Да образуваш треба да си образован
Денес градиме успешност преку нашите ученици,кои ни овозможуваат да сме домаќини на многу државни натпревари, да учествуваат и земаат први места на државни натпревари, како и на спортските натпревари на ниво на држава котираме во првите места. Исто така имаме освоено место и на Меѓународен натпревар во Египет,каде е награден наш ученик од страна на МОН, а оваа година зедовме учество и на натпреварот по шах, меѓународен натпревар кој се одржа во Турција.
Нашето училиште го празнува својот Патронен празник на 18 Ноември,кога покрај спортските општински натпревари,секоја година подготвуваме Свечена Академија од Мултимедијален карактер во Центарот за Култура.
Сепак,нема да застанеме тука,продолжуваме водени од најголемиот предизвик-нашите ученици и нивната желба за знаење и докажување,на кои што тоа им го овозможуваат одговорните и вредни наставници кои се сигурен поттик за секој наш ученик: УСПЕХОТ Е ДОКАЗ ЗА УСПЕШНА РАБОТА И ЗАЛАГАЊЕ.
ООУ ,,Крсте П.Мисирков,,
Радовиш
Тел: 032/635-247
e-mail: kmisirkov@yahoo.com