ООУ Никола Карев – Радовиш
Основното училиште ,,Никола Карев,, се одделило од некогашното ЦОУ ,,Моша Пијаде,, во учебната 1975/1976 година. Низ времето имало неколку здружувања и раздружувања на основните училишта. Со пренесувањето на правото на сопственост на училишните објекти од Министерството за образование и наука врз општините, од 1.12.2010 година, ние функционираме како Општинско основно училиште ,,Никола Карев,, Радовиш.
Во состав на училиштето работат четирите подрачни училишта:
- во населба Раклиш
- во село Бучим
- во село Тополница
- во село Прналија
и паралелките за основно музичко образование.
Во централното училиште наставата ја посетуваат ученици од I – VIII одделение од македонска, турска и ромска националност и наставата се реализира на македонски наставен јазик. За реализација на наставата се користат 11 училници и 17 кабинети. За квалитетно реализирање на програмата по физичко и здравствено образование се користи салата и реконструираните игралишта за ракомет (мал фудбал) и кошарка во пространиот училишен двор. Во училишниот двор имаме и ново повеќенаменско игралиште изградено од Агенцијата за млади и спорт.
Во четирите подрачни училишта се реализира комбинирана настава од прво до петто одделение во по 2 паралелки. Во ПУ во населба Раклиш наставата се реализира на македонски наставен јазик во две училници, а во ПУ с.Бучим, с.Прналија и с.Тополница наставата се реализира на турски наставен јазик во 2 или 3 училници. Учебната 2013/2014 година ја посетуваат 540 ученици.
Во склоп на ООУ ,,Никола Карев“, работат и паралелки за основно музичко образование кое е посебно верифицирано во учебната 1984/1985г. Овде осумдесетте ученици од Општините Радовиш и Конче, љубители на музичката уметност, можат да се стекнат со основните знаења од теорија и вештините за свирење по избор, хармоника или клавир.
Мисија на училиштето
– Училиштето постои за реализирање на воспитно-образовната дејност на учениците од прво до деветто одделение. Да се создаде работна средина во која постои грижа и подршка во која персоналот ќе може да ја развива и зајакнува својата индивидуална ефектност и задоволство од работата.
– Да се поттикнува етосот и клима на отвореност и взаемна подршка во која што сите заинтересирани за училиштето ќе бидат вклучени и ќе бидат посветени на училишната мисија.
– Да им се обезбеди на учениците релативни, стимулативни, иновативни искуства и порака за учење, која ќе им овозможи да се чуствуваат задоволни во училиштето.
– Да се поттикнува развојот на интелектуалните, емоционалните, естетските и практичните вештини на учениците, за да им овозможи да го постигнат максимумот во опшеството.
– Да се создаде работна средина во која ќе постои грижа и подршка која ќе овозможи докажување на индивидуалните способности на секој ученик без разлика на пол и етничка припадност.
Визија на училиштето
Нашето училиште во иднина го гледаме како модерно училиште, компатибилно со случувањата во општеството.
Изгледот на објектот да асоцира на установа каде се стекнуваат вештини и вредности кои ќе се практикуваат во утрешнината.
Мото на училиштето
Заеднички учиме – како цел живот да учиме!
Во ООУ,,Никола Карев,, има 72 вработени. Има директор и помошник директор. Воспитно образовниот процес во училиштето го реализираат вкупно 53 наставници од македонска и турска националност, преку интерактивна настава. Другите вработени се административен и технички кадар.
Учебната 2012/2013 година ја започнавме во комлетниот училишен објект со влез од улица ,,Кеј 8 септември,, б.б. Секоја паралелка од одделенска настава има своја училница со сите потребни материјали, изработки и нагледни средства на располагање во секој момент од воспитно-образовната работа и детски лап топ компјутери. За учениците од предметна настава воведовме кабинетска настава во вкупно 17 кабинети опремени со компјутер за секој ученик. Секој наставник заедно со учениците учествува во уредувањето на кабинетите со изработени и други нагледни средства и грижата за нив.
Горди сме на SMART таблата што ја имаме во училиштето и која е на располагање на сите ученици и наставници. Таа е придобивка од работата на наставниците во нашето училиште со примена на ИКТ во наставата, работа на проекти и учество на натпревари со нагледни часови. Покрај тоа имаме и MIMIO табла за реализација на сите видови часови по сите наставни предмети.
Наставата се реализира во една смена – предпладне. Со летното сметање на времето наставата започнува од 7 часот и 30 минути, а со зимското сметање на времето од 8 часот и 30 минути.
Во нашето училиште сите заеднички придонесуваме во подобрување на квалитетот на образованието, интегрирање на учениците во современите текови на општеството, промовирање на вистинските вредности (хуманост, искреност, одговорност), личниот и професионалниот развој на младите и го зајакнуваме чувството на среќа и задоволство. Постои пријатна работна атмосфера на меѓусебно почитување и толеранција, при што учениците од различна националност слободно учествуваат во комуникацијата и имаат можност да одлучуваат и учествуваат во наставните и вон-наставни активности , без да се почувствуваат подредено. Веруваме дека само со стекнато квалитетно образование младите заедно со своите врсници од ЕУ и од целиот свет ќе можат успешно да се соочат со предизвиците што ги носи современиот и динамичен начин на живеење.
ООУ Никола Карев – Радовиш