ИНВЕСТИЦИСКИ ПРОЕКТ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА НА УЧЕСНИЦИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ
Дата
November 11, 2015
Категорија
Вести, Тековни ПроектиЗапочнува да се реализира уште еден капитален проект за граѓаните на општина Радовиш – корисниците на магистралниот пат и зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот. Осветлувањето на клучките на излезот од Радовиш кон Штип и Струмица е инвестициски капитален проект кој што не е опфатен со изборната програма за локалните избори, а се реализира благодарение на Министерството за транспорт и врски, како и Владата на Република Македонија.
По изработка на комплетната проектна техничка документација од страна на општина Радовиш, а во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта и подршката од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе се изврши осветлување на клучка Радовиш и на клучка Ињево на магистралниот патен правец А4 и регионален патен правец Р1310.
Проектот е од огромно значење за подобрување на нивото на услуги на корисниците на патиштата, пред се во насока на зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот – со овој капитален проект за осветлување на клучките на излезот од Радовиш граѓаните на општина Радовиш како и сите учесници со сообраќајот на магистралниот пат стануваат побезбедни и сигурни, благодарност до Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт и врски што нашиот предлог проект и техничка документација се зеде во предвид и реализацијата на проектот станува реалност, овој проект е уште еден во низата проекти кои се реализираат во нашата општина а не беа ветени во изборната програма – истакна Градоначалникот на општина Радовиш Сашко Николов.
Вкупната должина на осветлен пат на овие две клучки изнесува 2.800 метри, а ќе бидат поставени вкупно 70 поцинковани столбни места со светилки со намалување на влезниот напон од 250 вати на 150 вати, кои ги задоволуваат Европските стандарди и се гарантен рок од 40 години.
Инвестициската вредност на овој проект изнесува 9 милиони денари.