РАДОВИШ ГО ОДБЕЛЕЖУВА 6-ТИ НОЕМВРИ
Дата
November 06, 2019
Категорија
ВестиОваа година општина Радовиш го одбележува јубилејот – 75 години од ослободувањето.
По тој повод вчера беше одржана свечена седница на Советот на општина Радовиш, на која, на предлог на комисијата за награди и признанија, беше донесена Одлука за доделување на овогодишните шестоноемвриски признанија и плакети.
Со почеток во 19:00 час. во Центарот за култура „Ацо Караманов“, беше одржана свечена академија на која беа доделени шестоноемвриските признанија и плакети.
Академијата започна со отварањето на ликовната изложба од меѓународната ликовна колонија „КАРАМАНОВ 2019“, по што започна програмата на којашто со поздравен говор се обрати Секретарот на општина Радовиш, Драги Стојанов.
Најпрво, признание за успех на полето на музиката и беше доделено на талентираната млада пијанистка Јана Јованова која се претстави со кратка изведба, по што беа доделени признанијата за активно учество во гасење на пожарот на планината Готен на : МИНИСТЕРСТВО ЗА ОДБРАНА – АРМ, ДИРЕКЦИЈА ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ, ЦЕНТАР ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ, ЈП „НАЦИОНАЛНИ ШУМИ“ – ПОДРУЖНИЦА РАДОВИШ, ТППЕ РАДОВИШ, ЦРВЕН КРСТ – Општинска организација Радовиш и ЈЗУ „ЗДРАВСТВЕН ДОМ“ РАДОВИШ.
За афирмација на општина Радовиш во областа на гастрономијата, признание беше доделено на хуманитарното здружение „ВЕРИЦА“.
За постигнати спортски успеси и афирмацијата на спортот во општина Радовиш, плакета беше доделена на Симеон Џеков. Потоа следуваше доделување на плакетите на: Мите Баков – за повеќедецениска работа и континуирана поддршка на јавните настани во општина Радовиш, на Доне Донев – за четиридецениска афирмација на ликот и делото на Ацо Караманов, на Јордан Митев – за афирмација на општина Радовиш во областа на фолклорот и културата, на Зоран Китановски, Директор на ЈП за Државни патишта – за особен придонес во развојот на патната инфраструктура во општина Радовиш, на „Распеани Радовишани“ – за афирмација на општина Радовиш во областа на традицијата и културата, и на Примадона Милка Ефтимова – за исклучителен допринос во афирмацијата на општина Радовиш.
Академијата заврши со концертот на музичкиот состав “Музика Вива” од Штип.
Денес програмата продолжува со полагање на свежо цвеќе во Паркот на млади, со одржување на училишниот шестоноемвриски турнир во мал фудбал и со свечениот коктел.